26 June 2012

Повик за кандидирање на кандидати за Градоначалници


Ја информираме јавноста дека Извршниот комитет на  ВМРО-ДПМНЕ, водејќи се од демократските начела, како и од заложбите за транспарентно, чесно работење и постојана блискост до граѓаните, донесе одлука за објавување на: Повик за кандидирање на кандидати за Градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ за Локалните избори 2013 година.

ВМРО-ДПМНЕ за прв пат во државава овозможува низ максимално транспарентна процедура и преку активно учество на граѓаните да се изберат најсоодветните кандидати за градоначалници. Ова е отворен процес во кој овозможуваме мислењето, желбата за докажување и волјата на граѓаните да дојдат до вистински израз.

Кандидат за градоначалник може да биде секој граѓанин, кој ги исполнува условите за кандидирање за градоначалник пропишани со Устав и закон, да е член на ВМРО-ДПМНЕ или граѓанин кој не е член на ниту една политичка партија, но се согласува и ги поддржува политиките, заложбите и програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

Потребно е заинтересираните кандидати да поседуваат углед, авторитет и морален дигнитет во местото каде живеат и работат, односно во општината за која аплицираат.

За поднесување на кандидатурата не се потребни потписи, туку доставување на стандардизирана биографија, детална програма за работа на општината за која се поднесува кандидатурата, како и пополнување на стандардизирана апликација коjа се подигнува во Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.

Потребната документација за кандидирање може да се подигне и да се предаде во Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје (Ул Македонија бр 17а), во архивата, секој работен ден  од 12 до 17 часот или на веб страната www.vmro-dpmne.org.mk. Пополнетите материјали треба да се достават најдоцна до 01.09.2012 година, почнувајќи од денот на објавување на овој повик.

По доставувањето на кандидатурата, секој кандидат дополнително ќе биде контактиран од Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и со него ќе биде извршен разговор од страна на Специјална комисија која за таа цел ќе биде формирана.

Сите кандидати имаат подеднакви шанси да бидат избрани, зависно од личните квалитети, успесите во минатото и визијата за иднината.

ВМРО-ДПМНЕ, како одговорна партија, отворена за секојдневна комуникација со граѓаните, ги повикува сите граѓани кои поседуваат капацитет, морален дигнитет, кои имаат визија и план за развој на својата општина, да се пријават на овој конкурс. Ќе бидат избрани најдобрите кандидати кои ќе работат во интерес на граѓаните и развојот.

Идејата на ВМРО-ДПМНЕ е да ги обедини сите граѓани околу мотивот за создавање на силни и просперитетни општини во Република Македонија. Општини кои брзо ќе чекорат кон развојот, со цел подобар живот за граѓаните.