09 March 2012

Низа проекти на Министерството за локална самоуправа

Министерството за локална самоуправа, спроведува проекти за намалување на невработеноста, но и други проекти за регионалниот развој и мерки што ги налага штедењето.


Заменик министерот за Локална самоуправа, Сашо Лазаровски, вели дека најбитен проект што го планира Министерството се 16те „Саеми на трудот“ што ќе се оддржат низ цела Македонија. Се планира во осумте плански региони да се оддржат по два во годината. МЛС на саемите ќе ги собира работодавците, невработените, општините и надлежните институции што ја водат економската политика на владата. На овие саеми ќе се најавуваат и инвестициите на територијата на општината.

Целта е меѓусебно запознавање на инвеститорите и на работната сила, со цел според потребите да се доквалификуваат, да се преквалификуваат, да се направи обука, а компаниите да одберат работници за какви што имаат потреба.

За да им се помогне на малите фирми да пркнат, во сите 8 региони ќе се отворат и бизнис инкубатори. Ќе има повик за пријавување на тие фирми.

- За почеток од нас бесплатно ќе добијат канцелариски простор на користење. Тое ќе биде нашата помош додека тие фирми не проодат, за понатаму да можат да се осамостојат. Во овој зафат сите министерства се во координација. Целта е една: развој, отворање нови фирми, нови работни места. Сите овие мерки што ги спроведуваат и другите министерства и Заводот за вработување (Проектитие за самовработување) се дел од плановите што ги прави Владата со една цел – развој на земјава и рамномерен напредок на сите региони, вели Лазаровски.

За сите проблеми што ги тиштат граѓаните на релацијата со општината се отвора телефонска линија која ќе биде во Министерството. Ќе биде достапна за сите граѓани и на таа линија ќе можат да ги кажат сите свои проблеми. Таму кај што ќе се види затвореноста на некоја општина кон граѓаните ќе се побара од неа да ги решава пробелмите, а можеби ќе треба Министерството да пружи и некоја помош. Се разбира дека тоа ќе биде помош на макро план, а не индивидуално.

- Какви ви се односите со градоначалниците од СДСМ?

Ние не правиме разлика. Еве како позитивен пример ќе го кажам одблокирањето на сметките во општина Охрид. Иако градоначалникот е од опозициона партија, министерот лично беше во таа општина, што значи дека сме отворени за сите проблеми и за сите работи што треба да се решат на државно ниво. Подговтвени сме да разговараме со сите и да бараме решение.

-На кој принцип ќе се спроведе кампањата за Заштеда на енергија?

- Со тој проект сакаме да ги стимулираме општините да почнат со штедење на електричната енергија. Нашата цел е да ги натераме општините јавната потрошувачка, јавното осветлување, осветлувањето во јавната администрација, во јавниот сектор да ја намалат. Некои од општините самоиницијативно ја почнале процедурата, но некои уште немаат никакви податоци ниту информации. Ние како Министерство собираме информации, им ги пренесуваме на општините и тие во наредниот период ќе мораат да почнат со штењењето. Нашата работа е да го стимулираме тоа, да им укажеме на општините и да им помогнеме во наоѓањето начини да го финансираат тоа, да го направат со јавно-приватно партнерство или на друг соодветен начин. Штедењето во јавната потрошувачка може некаде да се намали и до 70 %. Ако сите ги спроведат тие мерки во Македонија, ќе добиеме огромни заштеди, вели Лазаровски.

-Колкава е искористеноста на ИПА фондовите во доменот на Министерството за локална самоуправа?

-Што се однесува до ИПА фондовите, нашето Министерство е задолжено во делот на трансграничната соработка. Такви договори имаме со Бугарија, со Грција, со Албанија и со Косово. И во овој дел имаше мала искористеност, но на секој нареден повик се повеќе општини се пријавуваат. Сега беше вториот повик за Албанија на кој општините што се граничат со Албанија се пријавија со 120 проекти, за разлика од привиот на кој се пријавија само со 60 проекти. Тоа ни дава надеж дека во наредниот период ќе имаме се повеќе квалитетни проекти, па се надевам дека веќе нема да остануваат непотрошени пари од ИПА фондовите. Можност за користење на парите од ИПА фондовите имаат општините, невладиниот сектор, јавните установи во тој дел, државните агенции, а можат и некои граѓански здруженија. Се оди на проекти од регионално значење и се прави партнерски однос меѓу двете држави. Министерството е отворено за општините и за планските региони, постојано оддржуваме средби, редовно ги посетуваме, ги разгледуваме сите нивни проблеми и се обидуваме заеднички да најдеме решенија за сите работи што ги притискаат, истакнува Сашо Лазаровски, заменик министер за локална самоуправа.