Откако сфати дека нема никакви аргументи на негова страна, кавгаџијата Стевчо Јакимовски наместо да го прифати нашиот предлог за пренамена на 1 200 000 евра од буџетот на општината, кој планира да ги потроши на невладини организации, Јакимовски општинските пари започна да ги троши за лични и партиски потреби, истакна на денешната прес-конференција Цветанка Бајрактарова Мишевска, советник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во советот на Општина Карпош.
Нека им објасни Јакимовски на граѓаните на Карпош, од кои причини и во која функција во последното издание на општинскиот весник е објавен текст и фотографија од претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски.
Дали весникот “Карпош урбан“ е општински или партиски весник?
Доколку е партиски нека се финансира со средства од партијата, а не со пари на граѓаните на Карпош.
Замислете со пари од буџетот на општината градоначалникот на Карпош, плаќа скапи огласи во дневните весници, чија единствена цел е да се дискредитираат советниците во Карпош од редовите на ВМРО–ДПМНЕ.
Нека им објасни Јакимовски на граѓаните на Карпош, како го платил огласот објавен во денешен Дневник, потпишан од страна на Општина Карпош, каде што лично се дискредитира советничката од редовите на ВМРО–ДПМНЕ?
Исто така нека објасни колку пари од општинската каса потрошиле и за печатењето на флаерите исто така потпишани од Општина Карпош, во кои се напаѓа првата приватна поликлиника во Македонија, преку кои пак се сакаше да се наруши угледот на советникот Емил Угриновски?
Ваквите активности на Општина Карпош се најголем доказ дека Стевчо Јакимовски наместо за граѓаните на Карпош, општинските пари ги троши на партиски активности.
Уште еднаш го повикуваме да престане со недомаќинското работење и со расфрлањето на парите на граѓаните и да го прифати нашето барање за пренамена на 1 200 000 евра од буџетот кој планира да ги потроши на невладини организации.
До сега на граѓанската иницијатива за пренамена на парите од буџетот се потпишаа над 2 000 жители на Карпош.