Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ до сега преку граѓанската иницијатива за собирање на потписи за пренамена на буџетските трошења во Општина Карпош собра 13 485 потписи. Тоа значи дека 13 485 граѓани рекоа НЕ за банални проекти и трошоци кои ги прави Општината Карпош и Стевчо Јакимовски.
Гледајќи ја масовната поддршка од граѓаните и соочувајќи се со масовниот отпор кон недомаќинското работење, Стевчо Јакимовски, според нашите сознанија овие денови започна да ги тера вработените во Општинската администрација на Карпош да собираат потписи од граѓани за негова поддршка.
Обврската е и за семејствата на вработените во Карпош кој мора да ја дадат поддршката за Стевчо Јакимовски.
Сите општински ресурси уште еднаш се ставени во употреба за политичката и партиска кариера на Стевчо Јакимовски.
Ова е уште еден очајнички потег кој кажува дека Стевчо Јакимовски нема аргументи. Тој е во паника. Граѓаните го разобличуваат штетното работење на Јакимовски.
Тој е веќе градоначалник на Карпош 6 години, и има една година до локалните избори. Таму Стевчо Јакимовски ќе дознае што мислат граѓаните за неговото недомаќинско работење. Се до тогаш тој има обврска спрема 13 485 граѓани кои јасно и гласно го дадоа својот потпис за конкретна намена- пренамена на буџетските трошења на Општината Карпош, од пари за банални и непотребни проекти во пари за капитални инвестиции.
Стевчо Јакимовски треба конечно да се уозбили и да почне да работи за доброто на граѓаните. На Карпош не му треба скапи караоке забави, и преплатени невладини организации. На Карпош му треба нови паркови, нови улици, нови катни гаражи нови игралишта и прифаќање на оние кои веќе се изградени од Владата.