04 March 2012

Граѓанска иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ за пренамена на средствата на Општина Карпош

Како што веќе најавивме од денес започнуваме со голема граѓанска иницијатива со која ќе бараме итна пренамена на над 1 200 000 евра средства од буџетот на Општина Карпош, кој годинава градоначалникот Стевчо Јакимовски планира да ги подели на поединци, наместо истите да ги инвестира во изградба на плоштади, паркови, игралишта и останати реални содржини кои ќе бидат од корист за граѓаните на Карпош.

Со оглед на тоа дека демократските процеси во Општина Карпош се сериозно нарушени, покренувањето на ваква граѓанска иницијатива е единствениот начин демократски да се избориме за стопирање на недомаќинското расфрлање на парите од буџетот на општината на поединци блиски до градоначалникот Стевчo Јакимовски и да ги намениме за домаќински потреби.

Се обидовме пренамената да ја издејствуваме преку Советот на општината, но бевме спречени во тоа и крајно недемократски новинарските екипи беа исфрлени од седницата на Советот, само поради фактот што дискусијата за пренамена на средствата која што ја покренавме не му одеше во прилог на градоначалникот и со тоа намерно или не, беше спречена јавната расправа за недомаќинското работење на Општина Карпош.

Токму од тие причини почитувани граѓани, бидејќи како советници сме должни да се грижиме за начинот на кој што се трошат Вашите пари од буџетот на општината, а истото ни е оневозможено да го направиме преку советот го користиме овој демократски начин заедно со вас да издејствуваме пренамена на парите од буџетот и наместо во ветер и магла, парите да завршат онаму каде што е потребно – во цигли и малтер!

Наредните денови ние советниците од ВМРО – ДПМНЕ и нашите коалициони партнери, заедно со граѓаните на Карпош кои што ја покренуваат оваа граѓанска иницијатива ќе го посетиме секој дом во Карпош и заедно со Вас почитувани граѓани ќе предложиме проекти кои што се неопходни на општината и ќе издејствуваме овие 1 200 000 евра наместо за богатење на партиски активисти и советници од СДСМ да се пренаменат за реализација на предложените проекти. Тоа впрочем претставува и наша должност пред се како граѓани на Општина Карпош.

Со секој Ваш потпис и понудена идеја ќе придонесeте во јакнењето на демократскиот капацитет на општината, со оглед на тоа дека истиот е попречен од страна на Јакимовски и неговите послушници, и ќе помогнете во изградба на корисни содржини.

Во Карпош не е изграден ниту еден капитален проект како нов плоштад, ниту еден парк, ниту пак катна гаража, а единствениот капитален објект во Карпош изграден изминативе шест години е нефунционалниот надвозник Влајко. Од тука нема никаква логика во буџетот на една општина чиј градоначалник ветуваше изградба на аква парк, каскади и сплавови на Вардар, игралишта и што уште не, да издвојува 1 200 000 евра за поединци и организации преку кој парите на граѓаните завршуваат во партиски џебови.

Време е сите заедно да го затрупаме овој бунар без дно кој што постојано ги голта нашите пари, а со тоа од ден на ден Карпош го губи приматот на најурбана општина во Скопје.