Советниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во општина Карпош поднесоа претставка до Државната комисија за спречување на корупцијата, се со цел да се преиспита работењето на градоначалникот Стевчо Јакимовски.
Со оглед на тоа дека последните активности на градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, ни отвори сомнеж дека парите од општинскиот буџет незаконски се трошат за партиски цели, решивме денес да поднесеме претставка до Државната комисија за спречување на корупција, истакна Угриновски.
Изминативе неколку недели Јакимовски со пари од општината плаќа огласи преку кои се напаѓаат луѓе, советници кои што имаат легитимно право да се спротивстават на фрлањето во ветар на 1.200.000 евра за невладини организации, без притоа ни најмалку да се запазат законските процедури за доделување на парите.
Овој оглас објавен во вчерашното издание на Дневник, а потпишан од Општина Карпош е под секое човечко ниво, нагласи советникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Срамен речник за еден градоначалник, кој со општински пари во јавноста пласира невистини, клевети и навреди од најголем вид, насочени кон советничка во општината, од редовите на ВМРО ДПМНЕ.
На истиот начин, со општински пари, градоначалникот нападна и приватна фирма само поради тоа што сопственикот има спротивно мислење од неговото и како советник има обврска, неправилностите во работењето да ги соопштува на избирачите.
Исто така општинскиот весник кој што се печати со парите на сите граѓани на општината “Карпош урбан“, беше употребен за политичка промоција на СДСМ, што исто така претставува најгруба злоупотреба на општинските пари за партиски цели.
Со оглед на тоа дека вчера не добивме ниту еден одговор на поставените прашања за овие случаи од кавгаџијата Јакимовски, денес решивме овие наоди да ги доставиме до Државната комисија за спречување на корупција, со цел да се провери начинот на кој што се финансирале овие активности на Општина Карпош. Законот во Македонија мора да важи за секого, па и за Стевчо Јакимовски, посочи советникот Емил Угриновски.