26 November 2010

Деспотство ли е Карпош или панаѓур?

Минатата недела Стевчо Јакимовски беше вистинска медиумска звезда со касарната „Илинден“, се претстави како „деспот“ на територија која била во „негови граници и надлежност“. Менуваше ставови и виновци во зависност од утрински мамурлук, дневно расположение и нагиб на еклиптика на земјина оска. Изгледа на Стевчо медиумската звезда, минатата недела звездите не му беа наклонети.
            Си најде Стевчо виновци за касарна Илинден. Почна од конфигурација на терен, рекла-казала за некаква „рупа“, па до министри, синдикалци, советници, државни станови и геометри. Според Стевчо сите се криво насадени, само тој е алфа мажјак.
Ако Стевчо кажал дека касарна Илинден е мочурливо земјиште, има такво и да биде, зашто тоа е во негови гранци и ингеренции. Ако земјиштето не е мочурливо, толку полошо по земјиштето, има да го направи „рупа“. Заборавил да ги провери тектонските движења и поставеноста на созвездијата за локалитетот касарна Илинден, така ќе имаше уште аргументи за да го блокира ДУП-от за касарната.
Министрите му биле криви. Со нив договарал ама не договорил, па после договорил, ама не исполнил, па на крај се им исполнил, ама веќе нема да исполнува иако им ветил. Дружба ли е ова или панаѓур? Панаѓур си прави Стевче со Општина Карпош? Владини проекти проаѓале на „негова“ територија и тоа било „алелуја“, ама сега веќе немало така, сега „ќе си го прашал“ Стевчо дали ќе проаѓаат проектите, не војници, ма Свети војници да биле. Можеби ќе си изгради Стевчо тврдина околу Општина Карпош и од неа ќе ја брани „својата територија“ од Владини проекти и “проклети војници со семејства“?
За да биде комедијата целосна, ги обвини Стевчо и Советниците во Општина Карпош. Каква демагогија, советниците кои го изгласале ДУП-от за касарната, барале истиот да се стопира. И за да ја круниса цела лакрдија, Стевчо објави платен оглас со цитати на советници од три-четири седници и свое толкување од настаните.
Патетика во продолженија, како шпанска, турска или индиска серија. Можеби некој му кажал дека “Бандини“ е успешна, затоа што подолго трае, така и Стевчо, до граница на болка во желудник, се напнува упорно да докаже дека „вонземни сили кои им пркосат на законите на физиката“ го направиле тоа што го направил тој, иако друг и не може да го направи, ама сепак драматургијата на Стевче го блокира проектот на АРМ.
А убаво знае и тој и сите малку повеќе упатени дека само Стевчо Јакимовски, со потпис, може било кој ДУП да го стави или повлече од јавна расправа, па така и овој за касарна Илинден.
Инаку, за да им заштедам време и енергија на општинско-партиско-фамилијарните разузнавачки структури во Општина Карпош, кои ќе се активираат откако ќе го прочитаат писмово: да јас долу-потпишаниот, сум член на ВМРО-ДПМНЕ и како таков имам право да го критикувам секој погрешен потег на Градоначалникот, како и секој друг граѓанин. И, Градоначалниче Јакимовски, ако планирате да ми одговорите во стилот дека сум „проклет вмровец“ кој сака да ви ја грабне, одземе, превземе или да Ве сруши од „тронот“ на Општина Карпош, да Ви кажам дека Општината не Ви е наследство од татко Ви.
Вие сте мој и на сите граѓани „понизен слуга“ затоа што сте таму заради граѓаните, не сте „Деспот“ на територија Карпош на која можете да правите „што ќе ви дојде ...“


Дарко Златков
Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ - ОК Карпош