05 November 2010

Општина Карпош незаконски не го верификува мандатот на советничката Жозефина Гласновиќ

На 29.10.2010 година Претседавачот на Советот, Советниците на СДСМ и Градоначалникот на Општина Карпош прогласија независност на Општината од правниот систем на Република Македонија.
Од името на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери во Советот на Општина Карпош, сакаме да го изразиме нашиот револт од непочитувањето на законите, самоволието, политичките манипулации и насилничкото однесување на претседавачот на советот на општина Карпош, Трифун Трифуновски и советничката група на СДСМ, на 25-та седница на советот одржана на 29.10.2010 година.
Претседавачот на Советот на Општина Карпош како последна точка на дневен ред на 25-та седница на Советот ја постави Верификацијата на мандат на член на Советот на Општина Карпош. Иако, Општинската изборна комисија комплетната документација потребна за верификација на мандат за член на Советот на Општина Карпош уредно ја достави до Претседавачот на Совети и општинската администрација пред цел еден месец, сепак, за Претседавачот на советот истата беше „спорна“.
И покрај фактот што стручните служби во Општина Карпош и Комисијата за верификација констатираа дека документацијата е веродостојна и целосна, претседавачот Трифун Трифуновски, поддржан од советничката група на СДСМ од само ним познати причини, изразија „сомнеж“ во веродостојноста на документите и истите одбија да го верификуваат мандатот на советникот кој е легитимно избран од граѓаните на избори.
Со ваквото однесување, Претседавачот на советот и советниците на СДСМ ја доведоа во прашање легитимноста, стручноста и веродостојноста на Општинската изборна комисија, Државната изборна комисија и Република Македонија како држава. Претседавачот на советот и советниците од СДСМ, поттикнати и поддржани од Градоначалникот Стевчо Јакимовски, уште еднаш докажаа дека Општина Карпош се обидува да функционира надвор од ситемот на државата, дека за нив не важат законите на Република Македонија и дека за нив сите Државни органи се нелигитимни и непостоечки. Истите покажаа дека се водат исклучиво од желбите, потребите и политичките амбиции на Градоначалникот Стевчо Јакимовски.
На 25-та седница на Советот на Општина Карпош се направи груб упад во правниот систем и се доведе во прашање легитимитетот на државните органи на Република Македонија на територијата на Општина Карпош.
Претседавачот на Советот, Трифун Трифуновски, тврди дека Општинската изборна комисија не доставила до Општина Карпош листа на кандидати на Советници од локалните избори во 2009 година. Тоа е единствената аргументација поради која не беше верификуван мандатот на советникот од листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери, со што ја доведе во прашање легитимноста на сите советници во Советот на Општина Карпош, вклучувајќи го и самиот Претседавач. Јавно ги прашуваме Претседавачот на Советот, советниците од СДСМ и Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски: Kако се верификувани мандатите на останатите 22 советници, ако вакви листи не постојат во документацијата на Општината и како е можно Претседавачот и службите во Општина Карпош да дозволат Советот да носи одлуки веќе една и пол година, ако документацијата за советниците е нецолсна?
Од друга страна, доколку листата за кандидати за советници била доставена до Општина Карпош по локалните избори во 2009 година истата треба да се чува во архивата на Општина Карпош и во истата има право на увид Претседавачот на Советот на Општина Карпош. Ваков увид во документацијата беше побаран од советниците на ВМРО-ДПМНЕ на седницата, но барањето беше најгрубо и во најмала рака насилнички одбиено од страна на Претседавачот Трифун Трифуновски.
Со оваа своја постапка Претседавачот на Советот и советниците од СДСМ во Општина Карпош не само што ги отфрлија законите и државните органи на Република Македонија како неважечки и непостоечки, тие најгрубо навредија 11.000 гласачи, жители на Општина Карпош кои го дадоа својот глас за кандидатите за советници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и го погазија правото на овие граѓани да имаат свој преставник во Советот на Општина Карпош. Со ова се докажа дека начинот на кој владее СДСМ е воден исклучиво од внатрепартиски и ситни лични интереси на поединци, а никако од интересите на граѓаните и нивните потреби.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партии ќе ги искористи сите механизми во рамките на системот за да воведе ред во Општина Карпош, да се почитуваат законите и органите на Република Македонија и што е најважно да се почитува вољата на граѓаните, жители на Општина Карпош.


Со почит,
Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери

Анета Марковска-Илиевска
Анка Спасовска
Борис Аговски
Цветанка Мишевска
Давор Грче
Емил Угриновски
Панче Стојановски
Роберт Живадиновиќ
Роберто Тошевски
Жозефина Гласновиќ