Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери најостро реагира и во целост ги демантира обидите на Градоначалникот Јакимовски со монтирани конструкции и цитати извадени од контекст да ги искривува фактите.
Градоначалниче Јакимовски, со Вашите последни испади во јавноста и платените политички памфлети кои ги лиферувате по дневните весници ја преминавте секоја граница. По којзнае кој пат Ви повторуваме: Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери НИКОГАШ не побарала да се повлече нацрт ДУП-от за касарната „Илинден“ и тоа го знаете и Вие и целата македонска јавност. Вие јавно, на седница на Совет, изјавивте дека ќе го повлечете нацрт-ДУП-от за касарната „Илинден“, а сега од петни жили се обидувате да ја оправдате таа своја постапка, која во целост е спротивна на интересите на илјадници семејства на припадниците на Армијата на Република Македонија.
Вие, Градоначалниче во последниот платен политички памфлет невешто правите обид да измонтирате зборови и реченици на советници од три различни седници на Советот на Општина Карпош, само за да склопите приказна која се наоѓа само и единствено во Вашата глава. А приказни се кажуваат на мали деца. Такви не сме ниту ние, ниту припадниците на Армијата, ниту останатите граѓани. Што е најважно во истиот тој Ваш памфлет се гледа дека Вие и само Вие, се заканувате дека ќе „ја запрете јавната анкета за ДУП-от касарна Илинден“.
Цитат од Градоначалникот Стевчо Јакимовски на 23-та седница: „Ако сакате да правите опструкции и јас ќе правам“, затворен цитат. Клучен доказ, од кој се гледа дека единствено суетата на Стевчо Јакимовски го блокираше ДУП-от за касарна „Илинден“.
Бидете доблесен и излезете пред јавноста за да објасните зошто записникот од дваесет и третата седница сеуште не е донесен? Дали затоа што истиот е монтиран, исто како што се монтирани цитатите во Вашиот памфлет? Објаснете и на јавноста зошто на седниците на Совет не се водат аудио записи иако купивте најсофистицирана опрема? Дали и нашите инсистирања за водење на аудио записи ги сметате за опструкција, како
што изјавивте на 23-та седница?
Проблемот за нацрт ДУП-от за касарната Илинден, кој Вие сами го створивте, ќе мора да го објасните на следната седница на Совет, за која веќе е поднесена иницијатива до Општина Карпош.
Дотогаш, Ве повикуваме во интерес на припадниците на АРМ и решавањето на нивното стамбено прашање да ја тргнете суетата на страна и да ја продолжите јавната расправа за Нацрт ДУП-от за касарната „Илинден“. Тоа го можете само Вие и никој друг!
Ситуацијата е јасна како ден. Или го подржувате овој проект, или не!
Ако го подржувате, средствата се во Ваши раце, ако не, излезете и јасно кажете го тоа, без да правите приказни во кои никој повеќе не Ви верува!
Со почит,
Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери
Емил Угриновски, Анета Марковска-Илиевска, Анка Спасовска, Борис Аговски, Цветанка Мишевска, Давор Грче, Панче Стојановски, Роберт Живадиновиќ, Роберто Тошевски, Жозефина Гласновиќ