03 December 2010

За „Боргите“ и „Баш Челик“ во Карпош

(Реакција на писмото „Барајќи рогови, изгубивте уши“ од Советничката група на СДСМ во Општина Карпош, објавено на 3 декекеври 2010)
           
Не сум знаел дека „боргите“ имаат способност да креираат сопствено мислење, но ете и тоа чудо се случи. Инаку, јас сум сведок дека советниците од СДСМ делуваат како „колектив на Борги“. Минатата година за збор се јавивте по еднаш, а годинава поретко, ама затоа гласате по наредба. На чешање на Градоначалникот за уво гласате „против“, а на сукање мустаќ гласате „за“. Имам чуство дека координациите ви се состојат во вежбање мимика, на кој потег на Градоначалникот, кој советник како да гласа.
            Менталитетот на „колектив на Борги“ го достигна својот врв во вашите тези за кооперативност и колегијалност. Со 9 кооперативни советници и 2-ца „асимилирани во колективот“, вие господа советници од СДСМ сте малцинство во советот во Општина Карпош. Советот брои 23 членови, а логиката кажува дека 11 е помало од 12. Дали е поинаку во „Делта Квадрантот“ на универзумот вие си знаете.
Вашите можности во советот се сведуваат на 11 советници и со таа бројка не можете да изгласате ни пауза за кафе, а за проекти и ДУП-ви може само да сонувате. Едноумието, господа советници од СДСМ, во Македонија заврши пред 20 години.
И според ова, кој во советот е кооперативен,  ако вие сте малцинство а досега ниту еден проект на „вашиот“ Градоначалник не е блокиран ниту опструиран? Вие сте тие кои сте неконструктивни, неколегиални и некооперативни, затоа што проектите ги делите на „наши“ и „ваши“. Дали, според вашата логика, Советниците од ВМРО-ДПМНЕ треба по автоматизам секој „ваш“ проект да го блокираат? А зенитот на „колегиалноста“ го достигнавте со гласањето „против“, советник избран од граѓаните да стане член на советот, но тоа е начинот на кој вие ја практикувате демократијата.
Инаку, ваше е правото Градоначалникот на Карпош да го доживувате како „божество“ и „Баш Челик„ но тоа сочувајте го за себе. Јавноста не ја интересира какви форми менува Градоначалникот во ритуалите на вашиот колектив.
Всушност вие, господа советници од СДСМ, сте само еден мал дел од мозаикот на манипулации кои се обидува да ги шири вашиот колектив во јавноста. Бидете доблесни и кажете ја вистината: Градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски го стопираше проектот „АРМ мој вистински дом“.
             

Дарко Златков
Потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ - ОК Карпош