08 December 2010

Како се практикува демократија во Општина Карпош?

Атмосфера од последната седница на Советот на Општина Карпош:

„Не ти давам право на збор!“ „Седни на своето место!“ „Додека сум јас на ова столче тоа прашање нема да биде ставено како точка на дневен ред!“ „Ти давам жолт картон, на следниот ќе бидеш исфрлен од седница!“

Ова се само дел од изблиците на нервоза, кои почнаа да преминуваат во хистерија и беззаконие во Советот на Општина Карпош. Токму со овие зборови претседавачот се обидува да ги “замолчи“ советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери во Карпош, единствено затоа што се дрзнале да говорат од името на народот и за граѓаните на Карпош. Почнаа да ни го “перат“ мозокот со врескање дека тоа што го говориме не било од значење за граѓаните на Карпош. Ако се обидеш да излезеш на говорница, веднаш добиваш закана дека можеш да бидеш отстранет од Седницата на Советот. Како неподобни и непожелни советници, кои не се согласуваат со едноумието на нивното височество Стевче Јакимовски, едноставно ни се одзема правото на збор.

И целата оваа атмосфера и нема да биде целосна ако не се спомене “навивачката“ група АДМИНИСТРАЦИЈА, која на секоја седница на Советот дофрла и ги навредува советниците на мојата советничка група. Едноставно навиваат за Советниците на СДСМ и Градоначалникот, како на фудбалски натпревар.

Најнов декор на Стевчо Јакимовски се неколку “булдози“ на кои не им се познава што им е врат, а што глава, кои почнаа да ги легитимираат граѓаните, да ги селектираат „по нивно видување“ и да одлучуваат кој смее, а кој не смее да влезе на отворена седница на советот. На барање истите да се легитимираат, „булдозите“ гледаат во таван, свиркаат и реагираат како да не се од тука. Логично се наметнува прашањето кои се тие, кој ги поставил пред салата за состаноци и дали истите се дел од партиско-општинската администрација?

Па се прашувам, каде ли живеам јас? Дали во Карпош, или во Северна Кореја ?

Дали во комунизмот, или во демократска Македонија ?

Ова ли е моделот на демократија која ја нуди тимот на Бранко Црвенковски, Стевчо Јакимовски и СДСМ ?

Дали сте свесни каков пример давате на другите општини?

Тоа веќе не проаѓа! Мојот глас е глас на граѓаните од Карпош. Гласот на мојата советничка група е гласот на најголемиот број граѓани на последните избори. Ние, Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата беззаконие во Карпош повеќе нема да толерираме!


Борис Аговски
Советник во Општина Карпош