Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле денеска доби специјален термички принтер, донација од Ротари - клубот, кој ќе овозможи квалитетно и точно печатeње на снимките од ехо-апаратот во оваа здравствена установа. Вредноста на донацијата е над 600 евра.
Претседателот на Ротари клубот - Скопје, Огнен Фирфов, по врачувањето на донацијата изјави дека по разговорите во Институтот им било кажано оти им е потребен термички принтер.
- Со лични донации на сите членови на Ротари-клубот го обезбедивме овој принтер. Договоривме понатамошна соработка со болницата. Се надеваме дека во текот на годината ќе помогнеме во една посериозна донација - рече Фирфов.
Директорот на Институтот, Оливер Зафировски, изразувајќи благодарност до Ротари - клубот, истакна дека донацијата е значајна за дијагнозата и лекувањето на децата во болницата, која е регионален центар од областа на детската пулмологијата, во кој годишно гравитираат над 4.000 хоспитални деца, и 20.000 до 25.000 деца кои амбулатски се лекуваат.
- Овој принтер со термална хартија е вистинскиот запис кој ни дозволува да се постави егзактна дијагноза за заболувањето. Договоривме натамошна соработка која ќе биде сигурно една поголема донација - посочи Зафировски.