Расипничкото и недомаќинско однесување на градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски, ја доживеа својата кулминација. Општината е во милионски долгови, а Јакимовски како покритие бара да се продаде новата општинска зграда, објект кој што само пред две години беше целосно адаптиран, изјави денес Сашо Лазаровски од ВМРО-ДПМНЕ.
Граѓаните од оваа општина денес протесираа против одлуката на градоначалникот за продажба на имотот на општината.
Лазаровски исто така нагласи дека во оваа општина нема ниту една капитална инвестиција.
-Најлесно е да се продава, но тешко е да се гради. Нема ниту еден пример на друга општина каде излезот од долговите се бара во раскрчмување на општинскиот имот. Нелогично е да се продава зградата зад мене за да се покрие буџетска дупка, а во исто време да се продолжи да се даваат пари за еднодневни обуки, скапи караоке забави, да се делат пари на анонимни невладини организации, соопшти Лазаровски од ВМРО-ДПМНЕ.
Дополнително додека се изгради нова зграда ќе треба да се плаќа закупнина за просториите каде што ќе биде сместена администрацијата.
-Градоначалникот Јакимовски ќе треба да одговори на прашањето каде ќе оди администрацијата откако ќе се продаде зградата и колкава ќе биде висината на киријата каде што ќе биде сместена, нагласи Лазаровски.
Портпаролката на општина Карпош Виолета Цветковска соопшти дека со парите од продажбата на зградата ќе се реконтруирале училишта и ќе се изградела нова административна зграда.
-Општината Карпош со парите од продажбата на зградата ќе ги реконтруира училиштата и градинките а потоа ќе изгради и нова опшинска зграда, соопшти Цветковска.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека продажбата може да почека до локалните избори, на кои Градоначалникот Јакимовски треба да ги запраша граѓаните дали повторно ќе му ја дадат довербата за продажба на имотот на општината.