22 January 2011

Советниците на СДСМ гласаа против „АРМ мој вистински дом“

На денешната седница на Советот на општината Карпош беше одбиен предлогот на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, за разгледување на Деталниот урбанистички план за касарната Илинден.



На местото од касарната Илинден предвидено е да се изградат станови за припадниците на Армијата на Република Македонија.

Советничката од ВМРО-ДПМНЕ Жозефина Гласновиќ изјави дека сите советници на СДСМ во општината Карпош денес гласале против разгледувањето на Деталниот урбанистички план на касарната Илинден со што проектот „АРМ мој вистински дом“ останува блокиран.

-И покрај тоа што советниците на СДСМ декларативно изјавија дека го подржуваат проектот „АРМ мој вистински дом“, денес сите до еден гласаа против нековото разгледување, со што стана јасно дека СДСМ не сака ниту да се зборува за овој проект и неговото закочување од градоначалникот Стевчо Јакимовски, изјави Гласновиќ.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека ова претставува втор пат да биде одбиен овој предлог, додавајќи дека ќе достават трето барање за свикување на посебна седница на која ќе се разгледа проектот.

Претседателот на Советот на општината Карпош Трифун Трифуновски изјави дека Советот има обврска да го утврди текстот на Нацрт планот за касарната Илинден.

-Сега планот се наоѓа се втора фаза и кога таа ќе заврши Советот ќе го разгледа планот како Предлог Детален урбанистички план за касарната Илинден, ако го добие документот за согласност од Министерството за транспорт и врски, изјави Трифуновски.

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш посочија дека е навистана жално тоа што Јакимовски и советниците на СДСМ ја лажат јавноста дека проектот го кочи Државниот катастар, Министерството за одбрана, па дури и Владата.