19 April 2012

Одржана трибина во Карпош


На трибината обраќање имаше премиерот Никола Груевски, кој на самиот почеток истакна дека ВМРО-ДПМНЕ продолжи да го исполнува ветувањето од 2006 година, а тоа е дека барем еднаш годишно ќе остварува средба со граѓаните од сите општини.

Премиерот Груевски за време на трибината се задржа на клучните реформи и инвестиции кои тие ги оствариле додека се на власт.

Премиерот уште еднаш напомена дека филозофијата на десно-ориентираните партии е намалување на даноците, со што поголем дел од парите би останале во фирмите.

Исто така, од стана на Груевски беше кажано дека денес сите оние кои во минатото не го плаќале данокот, сега со новите намалувања на даноците заклучиле дека казните кои треба да ги платат доколку не си ја извршат својата даночна обврска се поголеми отколку да си го платат данокот на време.

На оваа трибина, како и на минатите во Кавадарци и Градско не беа заборавени и земјоделците, со што беше соопштено дека Владата оваа година издвоила 130 милиони евра за земјоделците.

- Македонија за време на светска економска криза не дозволи да бидат намалени платите и пензиите, како што тоа го направија многу земји како во Европа така и во светот, рече Груевски.

Премиерот Груевски истакна дека и во време на светска економска криза, тие како влада не биле обесхрабрени, туку напротив тоа им бил дополнителен мотив тие да ги продолжат успешните политики и напорната работа.

Околу реформите во здравството Груевски рече дека оваа година биле одвоени 100 милиони евра за набавка на медицински апарати, кои треба да бидат распоредени во сите градови низ државата. Конкретно за Општината Карпош, беше издвоена болницата во Козле, која од рушевини и бараки треба да прерасне во современа болница.

На самиот крај на трибината премиерот Груевски уште еднаш им изрази сочуство на семејствата на загинатите кај Смилковското езеро, а информираше и дека при неговата посета на МВР, видел дека тимот кој работи на разрешување на овој случај работи со голема мотивација бидејќи сите сакаат да дознаат и лицата кои го извршиле овој грозоморен чин да бидат изведени пред лицето на правдата.

Интересен е податокот кој го откри премиерот Груевски, а тоа е дека Специјалците на МВР сами се пријавувале доколку сторителите бидат откриени тие да учествуваат во нивното апсење.