05 March 2011

Во Битола се одржува 14-ти конгрес на ВМРО-ДПМНЕ

„Вистината секогаш победува“ е мотото на 14. Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ што денеска и утре во присуство на 617 делегати се одржува во Битола.

- Да се зборува вистината е нова политичка филозофија која не се вклопува во старата политичка матрица, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски обраќајќи се пред присутните делегати и бројни гости на Конгресот притоа нагласувајќи дека сепак се покажало оти тоа е исправна политика.

- Мојата филозофија на работење, додаде Груевски, е турбо од првиот ден на владеење, а не шест месеци пред избори. Чесно и одговорно работење во тоа е нашата сила, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порачувајќи дека партијата треба да остане доследна на она што го зацртала.

Тој посочи дека основата на успехот на партијата е во тоа што победите на изборите доаѓаат поради многу работа и посветеност, поради континуираниот контакт со народот, поради нулта толеранција на корупцијата и поради почитта на својот народ.

- Да останеме она што бевме, со почит кон секого. Почит, наместо ароганција – тоа не разликува од нашите претходници, истакна Груевски.

Осврнувајќи се на досегашните пет изборни победи на партијата, тој рече дека доколку утре се одржат избори сосема е јасно оти партијата ќе ја има шестата победа.

- Тоа се победи кои ги срушија сите рекорди, чисти како солза. Не ни требаат победи со фалсификат. Тие носат несреќа и големи порази, рече Груевски додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени избори, а СДСМ се бори да ги нема.

На почетокот на Конгресот беше избрана Верификациска комисија чиј претседател Зоран Коњановски констатира дека од вкупно 650 делегати на Конгресот присуствуваат 617 по што беше утврден Деловникот за работа.
По изборот на Работното претседателство предводено од Гордана Јанкулоска беа прочитани бројните телеграми и честитки упатени до присутните на Конгресот по што следеше обраќањето на лидерот Никола Груевски кој поднесе извештај за работата на партијата во периодот меѓу двата конгреса.