Победник на овие избори е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ со 55 или повеќе пратеници. Изборниот ден помина во фер и демократска атмосфера, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на прес - конференцијата прогласувајќи ја победата на седмите парламентарни избори во Република Македонија.
Сите ние заедно во Македонија сме победници, подвлече Груевски, бидејќи победи демокатијата, волјата на мнозинството граѓани, победија фер и демократските избори во Република Македонија.
- Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да се грижи и да работи за сите граѓани на Република Македонија независно од политичката, верската и етничката припадност. За сите ќе се бориме да им помогнеме. Сите ние два милиони граѓани во оваа држава имаме иста судибина, сите имаме сон Македонија да биде успешна и просперитетна држава, да стане членка на НАТО и ЕУ. Земја за која ќе се зборува по добро, а не по лошо, младите ќе гледаат своја иднина и перспектива во земјата, а не надвор, е пораката што вечерва ја упати Груевски и им се заблагодари на мнозинството граѓани кои ја дадоа поддршката за коалицијата „За подобра Македонија“, но и на сите политички партии.
За овој успех, подвлече, заслугата не ја носи само организаторот на изборите, туку сите граѓани на Република Македонија.
- За нас оваа победа и оваа поддршка има многу поголемо значење и сила отколку сите досегашни победи бидејќи доаѓа по речиси пет и повеќе години во исклучително тешко време. По речиси пет години водење на државата во кои цели 2,5 години во време на најголемата светска економска криза, по две блокади за НАТО и ЕУ. Во овие околности оваа победа има посебна тежина и значење за нас во ВМРО-ДПМНЕ, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Оваа победа, истакна Груевски, значи дека мнозинството граѓани на Република Македонија препознаа дека ВМРО-ДПМНЕ и во кризата и во тешки околности покажа дека знае да се справи со најтешки проблеми со најмалку можна штета.
- Тоа беше нашата посветеност во овие 2,5 години. Оваа победа и оваа огромна доверба од гласачите, од народот, од граѓаните на Република Македонија говори дека мнозинството граѓани дефинитивно препознаа дека и покрај многуте попречувања предизвикани од кризата и блокадите од Грција, сепак, на Македонија и се случи нов момент во политиката, со доаѓањето на нова политичка гарнитура од 2006 кои поставија нови стандарди на политиката во Македонија, рече Груевски.
Тој потенцира дека оваа победа за ВМРО-ДПМНЕ е уште поголема одговорност отколку на сите досегашни избори и затоа, рече, ние ќе го дадеме максимумот за да ги исполниме ветувањата дадени во Програмата, дури ако може и повеќе. Од утре, најави, продолжува обврската да дадат се од себе да им помагаат на сите граѓани во Република Македонија, затоа што, рече, сите се наши граѓани независно за кој го дале гласот.
Посебна благодарност за поддршката Груевски изрази до македонската дијаспора со која, како што рече, 20 години ВМРО-ДПМНЕ има комуникација, размена на мислења и огромна почит.
Лидерот на ВМРО - ДПМНЕ укажа дека и понатаму остануваат клучните приоритети поставени во Програмата - економијата, земјоделството, привлекување инвестиции, отворање нови работни места во Република Македонија, колку е можно побрзо добивање полноправно членство во НАТО и ЕУ, внимавајќи за нашето достоинство, борбата против криминалот и корупцијата, но и посебен фокус на реформите во државната администрација и судството. Градењето доверба меѓу етничките заедници во Република Македонија и давање силна поддршка на образованието, на младите, но и на повозрасните - знаењето и иднината на граѓаните на Република Македонија, остануваат стратешки определби.
- Денес Македонија ги одбра реформите. Македонија го препозна пресвртот кој започна со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата во 2006 година. Со оваа нова политичка матрица и новата политичка гарнитура денеска многу транзициски политичари си го видоа местото меѓу народот. Поранешни премиери, многу лажни луѓе без кредибилитет и доверба денеска го добија одговорот и ја добија пораката од граѓаните, рече Груевски.
Според него, граѓаните денеска ги казнија политичарите кои во минатото се обидоа со навреди и со клевети да дојдат до успех во политиката.
За сите денешни и идни политичари, истакна тој, денешното гласање кажува дека со лаги не може понатаму.
- Народот покажа на овие избори дека бара работа од политичарите, бара чесен и искрен пристап и кон работата, но и кон самиот народ и граѓанин. Народот со ова денеска побара и кажа дека сака политичари кои имаат обмислена, пресметана програма, сака политичка гарнитура која се држи до зборот. Народот не сака во иднина да биде изневеруван како што некогаш во минатото му се случуваше, затоа ја даде поддршката на луѓето за кои забележа дека во овие 4,5 години навистина дадоа максимум што можеа да го испочитуваат она што го ветија во Програмата, укажа на прес - конференцијата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пред огромниот број членови и симпатизери на партијата.
Тој оцени дека овие избори ги поразија непринципиелните коалиции во Македонија.
- Покажаа дека група медиуми втурнати во криминал од нивниот сопственик не можат да го урнат народот и партијата која се справува со криминалот во Македонија, рече тој.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ им се обрати и на политичките конкуренти и им порача дека од утре е ново утро во Македонија, а сите треба да извлечеме поуки од она што е веќе зад нас и сите заедно да се бориме за подобра иднина на сите граѓани во Република Македонија.
- Новото утро нека биде нов почеток во политичките односи во Македонија. Ве повикувам сите да дадете свој позитивен придонес за Република Македонија, рече Груевски.
Пред прославата за победата, Груевски уште еднаш им се заблагодари на членовите на ВМРО-ДПМНЕ, за нивната поддршка, енергија и посветеност во овој период. Упати благодарност и до сите коалициски партнери „За подобра Македонија“, подвлекувајќи оти заеднички е предизвикот во наредните четири години.
- Благодараност и на оние гласачи кои не поддржаа, но и на оние кои не не поддржаа. Сите заедно изградивме еден амбиент и покажавме дека Македонија е зрела држава и за НАТО и за ЕУ и овој народ се бори за сопствената демократија, истакна Груевски.
Лидерот на ВМРО - ДПМНЕ Никола Груевски на плоштадот „Македонија“ во Скопје им се обрати на сите членови, симпатизери и поддржувачи на коалицијата „За подобра Македонија“ кои заеднички ја прославуваат победата на седмите парламентарни избори.
Извор: ВМРО-ДПМНЕ
Извор: ВМРО-ДПМНЕ