14 May 2011

Презентиран „Манифестот за реформи и развој“

ВМРО-ДПМНЕ денеска ја промовираше Изборната програма за периодот 2011-2015 насловена „Манифест за реформи и развој“.


Лидерот на партијата и актуелен премиер Никола Груевски истакна дека оваа Програма содржи над 1.200 нови проекти.

- За Македонија секогаш може и мора подобро, изјави тој, додавајќи дека Манифестот претставува усовршена програма базирана на позитивните и негативните искуства што произлегле од програмата на партијата за периодот 2006 – 2011 година „Преродба во 100 чекори“ што треба да даде побрзи резултати во економијата и развојот на општествениот живот. Од „Преродбата“, додаде тој, завршени се или во завршна фаза се 1.185 проекти. Докажавме, посочи тој пред сопартијците и коалициските партнери, дека Буџетот може да издржи голем број развојни проекти, субвенции, зголемување на пензии и плати но единствено ако има ред во наплатата на даноците и на придонесите.

Стандардот на граѓаните, отворање нови работни места и подобрувањето на квалитетот на живот останува врвен приоритет на ВМРО-ДПМНЕ. - Работите не се иделани и никогаш не биле, но она што денеска го имаме како состојба и покрај уделот на светската криза е многу повеќе што го имавме пред 4,5 години, изјави Груевски. Македонија немаше друг избор освен реформи и не е возможно земјата да стои 15 години на исти позиции, е неговиот одговор, како што рече, на прашањето зошто толку реформи одеднаш, што постојано му било поставувано.

Премиерот и лидер на партијата Груевски најави продолжување на намалување на даноците и придонесите. - За разлика од нашиот политички конкурент кој во своата најава вели дека ќе оди со прогресивно оданочување, што практично ќе значи зголемување на даноците ние продолжуваме со политиката на ниски даноци и дополнително намалување во сферите каде што тоа е можно и каде би се почуствувал ефект на животниот стандард на граѓаните, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Најави укинување на данокот на сите мали и средни претпријатија односно на трговци кои заработуваат до три милиони денари, од 18 на 5 отсто ќе се намали ДДВ-то за туристички услуги, за исто толку ќе биде намалено и ДДВ-то за суровото масло за јадење, ќе бидат намалени придонесите за пензиско и здравствено осигурување, ќе бидат намалени и одредени царински стапки за одредени репроматеријали и производи. - За разлика од нашиот политчки конкурент ние нема да запреме со субвенционирањето на земјоделието, напротив тоа ќе расте од година во година..., рече Груевски. Со програмата се предвидува зголемување на платите, пензиите и социјалната помош, а ќе продолжат и реформите во администрацијата, судството, информатизацијата на општеството, со поддршка на бизнисот и на компаниите, на извозот, нови чекори за привлекување на инвестиции... - Ќе ги засилиме мерките за поддршка на туризмот, за пошумување, за поддршка на децата без родители, на лицата со хендикеп и други ранливи групи, изјави Груевски.

Во поглед на евроинтеграциските процеси на земјата тој истакна дека целта на ВМРО-ДПМНЕ е членство на земјата во ЕУ и НАТО што подразбира продолжување на реформите и многу работа.

Како гаранција дека новата програма ќе биде реализирана, Груевски ги посочи ветените и остварените проекти од „Преродбата“. – Не постои посилна гаранција од делата оставени зад себе. Тие не прават различни од СДСМ. Потешко ветуваме, но се држиме до зборот, рече Груевски. СДСМ, вели тој, ќе се обиде да не искомпромитира, а потоа и да не ископира во некои од нашите принципиелни ставови, како што е ставот за референдумското изјаснување за името на државата. - Разликата е толку голема што овие избори повеќе наликуваат на референдум. На едната страна ќе биде нашето „да“, а на другата нивното „не“, или реформи и развој или вечна транзиција, изјави Груевски.

ВМРО-ДПМНЕ ја има убедливата предност и после 4,5 годишно владеење, а клучот за тоа, смета тој се реформите, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на обраќањето на промоцијата на Изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ.

Како што се наведува во Програмата во периодот 2011-2015 година, партијата останува посветена на реализација на стратешките приоритети на Република Македонија: зголемување на економскиот раст и вработеноста, како предуслов за пораст на животниот стандард на граѓаните и подобар и поквалитетен живот, интеграција на Република Македонија во ЕУ и во НАТО, бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот и ефикасно спроведување на правото преку длабоки реформи во судството и јавната администрација, одржување на добри меѓуетнички односи врз принципите на меѓусебна толеранција и почитување, подеднаков третман на сите пред законот и довршување на спроведувањето на Охридскиот рамковен договор и инвестирање во образованието, науката и информатичката технологија како елементи на општеството базирано на знаење.

Превземено од официјалната страна на ВМРО-ДПМНЕ

Прочитај го МАНИФЕСТОТ